Волонтирај

Почитувани студентки и студенти,

Драги колешки и колеги професори,

Се наоѓаме во период на најголем предизвик по здравјето на граѓаните. Досега не сме се соочиле со ваква опасност која веќе остава сериозни последици по животот на луѓето, но и сериозно влијае на економската и општествената состојба, па ако сакате и по безбедноста на поединецот и на државата.

Факултетот за безбедност започнува иницијатива за покренување на ново студентско движење кое ќе има за цел да ги мобилизира студентите на Факултетот за безбедност како и на сите факултети во државата кои ќе се пријават како волонтери да помогнат во справувањето со последиците од новиот Корона вирус.

Хуманоста е најблагородниот предизвик кој секогаш се наметнува како неопходна потреба во справувањето со секоја несреќа, катастрофа, епидемија. Како никогаш порано сега е вистинско време да ја покажеме нашата хуманост и почитта кон генерациите кои се вградиле во нашата сегашност, за да придонесеме за побезбедна иднина на генерациите кои доаѓаат по нас.

Факултетот за безбедност ќе изгради база на податоци на студенти и професори волонтери кои ќе бидат ангажирани во координација со Владата, Републичкиот кризен штаб и со Црвениот крст. Бидејќи е време кога е потребна висока координација помеѓу сите кои имаат работни обврски или сакаат да помогнат, ангажирањето на секој поединец ќе биде само и единствено преку официјалните служби во државата и откако ќе поминат задолжителна обука од Црвениот крст или другите органи. Безбедноста и здравјето на секој волонтер никогаш нема бидат загрозени и само на тој начин ќе овозможиме вистинска помош и поддршка во овие тешки времиња. Сега е вистинско време кога преку институционална координираност и лична и индивидуална акција, одговорност и дисциплинираност ќе придонесеме за зачувувањето на јавното здравје, ќе укажеме помош онаму кадешто ќе биде потребна најмногу. Сега е потребно да бидеме на ниво на задачата, да бидеме одговорни, дисциплинирани, професионални. Да бидеме хумани.

Драги студентки и студенти,

Хуманоста подразбира и доследно почитување на препораките и одлуките на надлежните. Затоа, ВЕ МОЛАМ, сега останете дома, не излегувајте на отворен простор ако не е крајно неопходно, посветете се на on-line предавањата кои се повеќе Факултети ги организираат и вложувајте во сопственото знаење.

Биди хуман студент. ВОЛОНТИРАЈ! Пријави се и помогни во справување со Корона вирусот.

Доколку сакате да помогнете на луѓето од Вашиот град, од Вашата општина, но и на државата, Ве поканувам да го пополните анкетниот прашалник подготвен од Факултетот за безбедност – Скопје и да го очекувате повикот за волонтирање тогаш кога за тоа ќе се јави неопходна потреба.

 

Заеднички можеме да направиме многу!

Ви посакувам добро здравје,

 

ДЕКАН НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ – СКОПЈЕ

Проф. д-р Никола Дујовски