На 07.10.2019 година во 09.30 часот во конференциската сала на Факултетот за безбедност-Скопје се одржа дебата на тема „Безбедноста на домот-преку превенција на новите закани и безбедносни ризици”.

На стручната дебата свој говор одржаа претседателката на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милеска Стефановска, Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски, Проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ проф. д-р Марјан Ѓуровски, Помошникот на Директорот на Бирото за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи Тони Станковски, професорите д-р Александра Деаноска Трендафиловска од Правниот факултет-Скопје, д-р Весна Стефановска и д-р Саше Герасимоски од Факултетот за безбедност-Скопје и м-р Сања Керметчиева генерален секретар на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.

На тркалезната маса од повеќе аспекти се говореше како преку превенција на новите закани и безбедносни ризици може да се зголеми безбедноста на домот и личната безбедност на секој поединец и семејството и за значењето на примената на концептот на јавното-приватно партнерство во обезбедувањето на имот и лица.

Преку подигање на свеста кај граѓаните и навремето превземање на мерки и активности ќе се подигне важноста и одговорноста за безбедноста на домот, пред се третирајќи ја од перспектива на правилна превенција и превземање на соодветни активности и мерки за гарантирање на максимална безбедност на домот и семејството.