Обраќање на Деканот на Факултетот за безбедност

Обраќање на Деканот на Факултетот за безбедност

Обраќање на Деканот на Факултетот за безбедност

Драги студентки и студенти,

Се надевам дека ги следите случувањата поврзани со Корона вирусот и дека ги почитувате препораките кои ги упатуваат надлежните институции, пред се Владата и Министерството за здравство.

Како декан, како професор, но и како родител сакам да Ве повикам на целосна одговорност и посветеност во наредниот период, да бидете внимателни во секојдневните активности, добро да се информирате за начинот на превенција и заштита од вирусот, да ги знаете чекорите кои треба да ги преземете во секоја можна. Ви препорачувам на Вашите паметни телефони да ја симнете апликацијата AirCare каде во реално време може да се добијат најновите информации и насоки за постапување на граѓаните.

Дозволете ми да Ве поттикнам во периодот додека сте ослободени од настава и другите наставни активности, да го искористите за посветеност на совладувањето на наставната програма од предметите кои ги слушате во летниот семестар. Затоа, иницирам неколку активности кои препорачувам заеднички да ги спроведуваме додека трае одлуката за прекин на наставата. Нашата обврска како професори е да водиме грижа за нашите студенти и да им бидеме поддршка во совладувањето на испитните содржини дури и во ваков период.

Во овој момент Факултетот за безбедност нема капацитет за on-line активности или за учење на далечина, но секако ни стојат на располагање другите начини за комуникација. Затоа, од денес па натаму, ќе можете да бидете во контакт со Вашите наставници кои ќе ги реализираат следните активности:

– секој наставник ќе им испрати на студентите електронски материјли за учење за предметните содржини кои ги има предвидено за овие две недели, или истите ќе ги постави на својот профил на нашата веб страна и ќе ги информира студентите каде може да ги симнат материјалите;

– секој наставник ќе предвиди дополнителни активности за студентите (кои нема да подразбираат групна работа или активности на отворен простор) во смисла на изработка на домашна работа, семинарски труд или други слични активности. Овие активности соодветно ќе им бидат нотирани на студентите и ќе се засметаат во поените за завршна оцена;

– секој наставник ќе отвори начин на комуникација преку кој студентите ќе можат да го контактираат и да дискутираат (по електронски пат) за одредени теми или активности, со што ќе се замени терминот за консултации со наставникот;

– секој наставник ќе оддели од своето време за работа со студенти најмалку толку колку што има неделен фонд на часови, зголемен за терминот за консултации;

– овие активности ќе се однесуваат подеднакво на сите студентите од прв, втор и трет циклус на студии;

Ве молам овие активности да ги сфатите сериозно, преку нив ќе останете подолго време во контакт со професорите и нема да изгубите од ритамот на учење. Барам од Вас секојдневно да одделите толку време колку што имате предвидено часови согласно распоредот за настава. На овој начин ќе имате поголема можност да останете дома и да работите на сопственото знаење и подготвеност за безбедносните прашања.

Треба да бидете горди што сте студенти на Факултетот за безбедност и сега, во овие сложени услови да бидете наши вистински партнери во спроведувањето на сите активности кои се потребни да се одржи нормалниот начин на живот и функционирање.

Свесен сум дека за постигнување на овие цели е потребна лична самосвет и посветеност и дека со никакви контролни механизми нема да се постигне целта на спроведувањето, туку само и единствено преку личната одговорност, интегритет и посветеност ќе бидеме успешни во нивната реализација.

Би сакал да Ве информирам дека студентите и наставниците се ослободени од настава, а вработените во стручноадминистративната служба работат сонамален капацитет, но Факултетот нормално функционира.

За секоја потреба која Вие би јаимале ќебидете навремено услужени и информирани.

На Факултетот за безбедност се превземаат сите потребни и препорачани мерки од надлежните државни органи, па во таа насока би сакал да Ве информирам дека денес 13. март се изврши целосна дезинфекција во сите простории на Факулетот. Доколку се јави потреба за тоа и во наредниот период ќе бидат имплементирани и други мерки за заштита.

Јас како декан, продеканите и сите професори, како и сите вработени на Факултетот за безбедност сме тука, и Ви стоиме на располагање засекоја Ваша потреба. Немојте да се двоумите да не побарате во било кое време и за било која потреба. Нашиот пристап е исклучително професионален и со голема посветеност ги преземаме сите потребни и препорачани мерки и активности, се надевам дека и Вие ќе одговорите соодветно, првенствено преку лична заштита и одговорен однос со сите со кои комуницирате.

На крај, може да ги поставиме работите и вака. Со постигнување на степен на најодговорно однесување на сите Вас како студенти и Ние како професори и сите како граѓани, на секој посебно и сите заедно, со неопходното ниво на максимална лична одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба ефикасно и на крај ќе излеземе сите како подобри и поспремни индивидуи, професионалнци и интелектуалци. Сега е моментот во кој секој граѓанин со својата одговорност треба да придонесе за сите заедно да успееме и после ова да излеземе како сосема ново општество, поорганизирано, понапредно, поевропско ако сакате. Сите сме учесници и ученици во институцијата која создава кадри кои во иднина ќе го градат, чуваат и одржуваат редот и поредокот на нашата држава. Ова е вистински момент во кој може да покажеме дека веќе сме на ниво на задачата. Сите заедно можеме повеќе, можеме и подобро.

Ви посакувам добро здравје,

 

 ДЕКАН
Проф. д-р Никола Дујовски