Проф. д-р Искра Аќимовска Малетиќ e родена на 5 февруари 1974 година во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1996 година. Во 2002 година се стекнала со академски степен магистер на правни науки од областа на управното право на Правниот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на тема: “Народниот правобранител на Република Македонија во заштитата на уставните и законските права на граѓаните”. Во 2008 година ја одбранила докторската дисертација на тема: “Јавне установе у упоредном праву” на Правниот факултет во Ниш, Универзитет во Ниш и се стекнала со научен степен доктор на правни науки (област јавно-правна). Во 1998 година го положила правосудниот испит (Министерство за правда на РМ). Исто така во 1995 година завршила студии за “Посткомунистичка транзиција и европски интеграционен процес”, на Меѓународното летно училиште во Бертиноро при Универзитетот во Болоња, Италија, а во 2001 година завршила обука на тема “Заштита на човековите права” на Меѓународниот институт за јавна администрација (IIPA), во Париз, Франција.
Работното искуство го започнала како волонтер во Основно јавно обвинитество Скопје и Основен суд Скопје I Скопје (1996-1998). Во текот на 1998 година работела како проектен асистент за ревизија и превод на законски текстови во Institute of Public Administration KPMG/Barents Central Government Project (USAID Funded). Од 1998 до 2005 година работела во канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија, започнувајќи како стручен соработник, а потоа како советник и државен советник. Од 2005 работи како асистент по Управно право на Полициската академија – Скопје, a била ангажирана и на Вовед во право и уставно право. Од 2008 година работи како доцент по Управно право на Факултетот за безбедност – Скопје, на Катедрата за општествено-политички и правни науки, каде е ангажирана и на Вовед во право и уставно право. Исто така одржува настава и на II циклус студии по предметните програми Меѓународни стандарди и практики за заштита на животната средина, Човекови права и меѓународно хуманитарно право и Човекови права при финансиски истраги (кој се предава на II циклус Заеднички студии по Безбедност и финансиска контрола на Факултетот за безбедност – Скопје).
Доц. д-р Аќимовска Малетиќ учествувала во проекти и одржување на обуки на државни службеници, управни инспектори, судии, јавни обвинители, вработени во МВР, вработени во казнено поправни установи и др. (со поддршка или организирани од Влада на РМ, Министерство за правда, Академија за обука на судии и јавни обвинители, Управа за јавни приходи, Министерство за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Светска банка, Европска комисија, Human Dynamics, IPS, Coalition All for Fair Trials, и др.)
Објавила монографии и книги во земјата и странство. Исто така публикувала повеќе од 40 научни и стручни трудови во земјата и странство од областа на управното право, јавната администрација, заштитата на човековите права и еколошкото право.
Остварила повеќе студиски посети во Велика Британија организирана од Британската асоцијација за Централна и Источна Европа (BACEE) во Лондон, студиска посета на Омбудсманот на Република Грција, учествувала на Годишното собрание на Европската мрежа на Омбудсмани за деца (ENOC) во Кардиф, Велс и др. Учествувала на бројни меѓународни научни и стручни конференции организирани од универзитети во земјата и во странство, Македонската академија на науките и уметностите, Мрежата на институти и факултети за јавна администрација на Централна и Источна Европа (NISPAcee).
Учествувала во работа на комисии и работни тела. Во периодот од 2008-2010 година била раководител на Заедничките студии по Безбедност и финансиска контрола на Факултетот за безбедност – Скопје. Исто така била член на Универзитетска комисија за нормативна дејност, секретар на Катедра за општествено-политички и правни науки на Факултетот за безбедност – Скопје, претседател на Дисциплинска комисија на Полициската академија – Скопје, секретар на Заедничките студии по Безбедност и финансиска контрола на Факултетот за безбедност – Скопје.
Член е на Етичкиот поткомитет на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).