Успешно заврши првата универзитетска програма за стручно и професионално усовршување

Успешно заврши првата универзитетска програма за стручно и професионално усовршување

На 12.04.2019 година во Агенцијата за разузнавање се одржа свечено доделување на сертификати од првата универзитетска програма за стручно и професионално усовршување за разузнавање и анализа, а воедно и прв курс од ваков тип на Факултетот за безбедност-Скопје и Агенцијата за разузнавање на Република Македонија.
На завршување на оваа прва универзитетска обука за дел од разузнавачите свое обраќање  имаа Директорот на Агенцијата за разузнавање д-р Зоран Иванов, Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски и Продеканот за наука и развој на Факултетот за безбедност-Скопје доц. д-р Марјан Ѓуровски.
Со реализацијата на првата програма на овој  проект се отвори нов процес на едукација и професионализација на вработените во Агенцијата за разузнавање. Програмата за разузнавање и анализа претставува напреден универзитетски курс за стручно и професионално усовршување во разузнавањето. Преку предавањата и практичните вежби се опфатија повеќе области од оперативното делување, методи на собирање на податоци, современите безбедносни трендови и политики. Програмата се реализираше врз основа на Законот за високо образование и Законот за Агенција за разузнавање.
Деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски истакна дека Факултетот ја остварува својата цел да им се излезе во пресрет на институциите кои имаат обврски да реализираат реформи кои произлегуваат од процесот за членство во НАТО и Европската Унија.
Директорот на Агенцијата за разузнавање д-р Зоран Иванов нагласи дека преку остваувањето на овој проектот се помогна во напредното образование и едукација за разузнавање на вработените во Агенцијата за кое според анализите што се направени се увидела потребата од таков вид подготовка на разузнавачите.
Процесот на образование е кариката која ја немавме, но не делот на стручно усовршување, туку делот на основната едукација и  образование за областа во која работиме. Ние успешно реализиравме курс кој во иднина треба да биде континуиран и во понатамошниот период во  процесот на реформите да  служи како филтер за потенцијални вработени во Агенцијата за разузнавање, истакна директор Иванов.
Со курсот, вработените преку предавањата и вежбите можеа да ги препознаваат, осознаваат и откриваат новите закани и предизвици кои, како што рече Иванов, не опкружува денешната заедница. Денешното безбедносно опкружување е многу комплексно и ги надминува нашите капацитети во сите можни карактеристики и области. Затоа образованието со современите трендови и закани е основа да бидеме успешни и квалитетно да одговориме на предизвиците, додаде директорот на Агенцијата.
Во своето излагање на денешната свеченост Продеканот за наука и развој на Факултетот за безбедност-Скопје доц. д-р  Марјан Ѓуровски нагласи дека универзитетскиот курс  се одржува во периодот кога се спроведуваат длабоки реформи на безбедносната и разузнавачката заедница и преку овој заеднички проект се придонесува кон департизација на разузнавачката заедница, а институциите во неа да не бидат генератори туку институции кои ќе придонесуваат за превенција на  безбедносните ризици. Стратешка цел кон која заеднички се стремиме е континуирана едукација на вработените во Агенцијата за разузнавање,како и останатите безбедносни разузнавачки и контраразузнавачки институции истакна Ѓуровски. Воедно искажа надеж дека овој проект ќе го следат и другите институции кои работат на безбедноста и разузнавањето во државава.
Предавачи на курсот беа професори од Факултетот за безбедност и вработените од Агенцијата за разузнавање и други безбедносни институции. Програмата за разузнавање и анализа опфати повеќе области од оперативното делување, методи на собирање на податоци, современите безбедносни трендови и политики. Наставно–образовниот процес се реализира низ предавања, анализи, вежби и практично–применети форми на настава со над 150 часа.
Општа цел која се постигна со универзитетската програма на Факултетот за безбедност-Скопје и Агенцијата за разузнавање е што овластени службени лица  добија унифицирани знаења од разузнавањето, оперативното окружување и современите трендови со што уште повеќе ќе бидат оспособени успешно да ги поддржуваат задачите и обрските на Агенцијата за разузнавање на Република Северна Македонија. 
Blog Attachment