Студентска посета на Министерството за надворешни работи

Студентска посета на Министерството за надворешни работи

Студенти од Факултетот за безбедност-Скопје во рамки на предметната програма „Современи теориии и системи за безбедност„ и „Дипломатија и меѓународна безбедност„ од студиската програма Безбедност заедно со предметниот наставник доц. д-р Марјан Ѓуровски го посетија Министерството за надворешни работи. Таму имаа средба со државниот секретар на МНР д-р Виктор Димовски со кого разговараа за поставеноста и работата на ова министерство како значајна алка во политичкиот и безбедносниот систем на државата. Воедно по презентацијата од д-р Димовски се говореше за прироитетите во надворешната и безбедносна политика на земјата, како и ризиците во меѓународната безбедност и регионалната соработка. Студентите во МНР својот голем интерес го покажаа преку поставување на повеќе прашања до државниот секретар на МНР д-р Виктор Димовски кој меѓу останатото има дипломирано на Факултетот за безбедност-Скопје меѓу првите генерации.
На средбата, Димовски се осврна на прашањето на значењето на дипломатијата во контекст на меѓународната безбедност. Притоа, стави акцент на придобивките од ангажманот на македонската дипломатија на планот на затворањето на долгогодишните спорови со соседните земји во функција на отворање на европската и евроатланската перспектива на земјата. Ваквиот иден развој на настаните, членството во НАТО и отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ ќе овозможат зајакната безбедност на национален и регионален план и отворање перспективи за забрзан економски развој. Димовски одговараше и на прашања на студентите кои пројавија интерес за допирните точки меѓу безбедноста и дипломатијата, за актуелните меѓународни случувања и за односите на нашата земја со земјите од непосредното и поширокото соседство, како и со некои од релевантните актери на меѓународен план.
Blog Attachment