Програмата за професионално и стручно усовршување за разузнавање и анализа

Програмата за професионално и стручно усовршување за разузнавање и анализа

Започна програмата за професионално и стручно усовршување за разузнавање и анализа на Факултетот за безбедност-Скопје и Агенцијата за разузнавање 
 
На 17.12.2018 година  во Агенцијата за разузнавање се одржа свечено отпочнување на првата универзитетска програма за стручно и професионално, а воедно и првиот Македонски Курс за разузнавање на Факултетот за безбедност-Скопје и Агенцијата за разузнавање на Република Македонија.
На свеченоста свое обраќање имаа Директорот на Агенцијата за разузнавање д-р Зоран Иванов, Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски и Продеканот за наука и развој на Факултетот за безбедност-Скопје доц. д-р Марјан Ѓуровски.
Професионализација на вработените во Агенцијата за разузнавање како и департизација на разузнавачката заедница, е целта на новиот курс што денеска започна за вработените во Агенцијата за разузнавање, а е во организација на Факултетот за безбедност-Скопје и Агенцијата. Вработените во АР ќе се стекнат со унифицирани знаења од разузнавањето кои произлегуваат од оперативното опкружување и современите трендови.
Како што појасни професорот Марјан Ѓуровски, курсот ќе се одржува во периодот кога се искажува јасна политичка волја за длабоки реформи на безбедносната и разузнавачката заедница.
– Преку овој заеднички проект ќе придонесеме кон департизација на разузнавачката заедница, а институциите во неа да не бидат генератори туку институции кои ќе придонесуваат за превенција на безбедносните ризици. Стратешка цел е едукација на вработените во Агенцијата за разузнавање, истакна Ѓуровски.
Порача овој проект да го следат и другите институции кои работат на безбедноста и разузнавањето во државава.
 
Директорот на Агенцијата за разузнавање Зоран Иванов нагласи дека проектот ќе помогне во основното образование за разузнавање на вработените во Агенцијата за кое според анализите што ги направиле се увидела потребата од таков вид подготовка на македонските разузнавачи.
– Увидовме дека процесот на образование е кариката која ја немавме, но не делот на стручно усовршување, туку делот на основно образование за областа во која работиме. Врз основа на анализите добивме идеја да го формираме овој курс кој ќе биде континуиран и воедно во понатамошниот период во  процесот на реформите ќе служи како филтер за потенцијални вработени во Агенцијата за разузнавање, истакна Иванов.
Со курсот, вработените ќе имаат доволно подготовка да ги препознаваат, осознаваат и откриваат новите закани и предизвици кои, како што рече Иванов,  на опкружува денешната заедница.
– Денешното безбедносно опкружување е многу комплексно и ги надминува нашите капацитети во сите можни карактеристики и области. Затоа образованието со современите трендови и закани е основа каде ќе бидеме успешни и квалитетно ќе одговориме, додаде директорот на Агенцијата.
Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски истакна дека иницијативата на Факултетот е со цел да им се излезе во пресрет на институциите кои имаат обврски да реализираат реформи кои произлегуваат од процесот за членство во НАТО и Европската Унија.
Предавачи на курсот ќе бидат професори од Факултетот за безбедност и професиналци од Агенцијата за разузнавање. Програмата за разузнавање и анализа опфаќа повеќе области од оперативното делување, методи на собирање на податоци, современите безбедносни трендови и политики. Наставно–образовниот процес ќе се реализира низ предавања, анализи, вежби и практично–применети форми на настава со над 150 часа. 
Со овој нов проект се отвора нов процес на едукација и професионализација на вработените во Агенцијата за разузнавање. Програмата за разузнавање и анализа е напреден универзитетски курс за стручно и професионално усовршување во разузнавањето кој се реализира врз основа на Законот за високо образование и Законот за Агенција за разузнавање.
Blog Attachment