Научно стручна расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната-Република Северна Македонија по членството во НАТО„

Научно стручна расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната-Република Северна Македонија по членството во НАТО„

На 09.10.2019 година Факултетот за безбедност – Скопје беше домаќин на научно-стручна расправа на тема: „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната-Република Северна Македонија по членството во НАТО“  која се организираше во соработка со Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.
Дебатата ја отвори Претседателот на Република Северна Македонија д-р Стево Пендаровски, а се обрати и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф.д-р Никола Дујовски.
Панел воведничари беа проф. д-р Марјан Ѓуровски Проректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ проф. д-р Саше Герасимовски, проф. д-р Марјан Николовски и проф. д-р Александар Иванов од Факултетот за безбедност-Скопје, а говореа и членовите на Советот за национална безбедност проф. д-р Трајан Гоцевски и проф. д-р Ветон Љатифи.
Повод за одржување на дебатата беше разгледување на предлог Стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија која е предмет на расправа пред донесување од Претседателот на Република Северна Македонија.
“Очекуваме јасна покана за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Свесни сме за предизвиците со кои се соочува ЕУ, како и за дебатите за проширување, но секое одолговлекување на европските перспективи на регионот значи потенцијално отворање простор за други актери, вклучително и безбедносни, кои не нудат одржливи алтернативи на ЕУ и НАТО” нагласи претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на научно-стручната расправа „Стратешки приоритети во безбедноста и одбраната на РСМ по членството во НАТО“, што се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје по повод разгледување на предлог Стратегијата за одбрана на земјава, што е предмет на расправа пред нејзиното усвојување.
Пендаровски, посочи дека сепак, тоа најмногу зависи од нас и од реформските резултати во земјата пред се во однос на владеење на правото и борбата против високата корупција.
Претседателот потсети дека сега земјата се наоѓа во една нова реалност, а тоа е скорешното пристапување во НАТО.
– Клучниот стратешки пробив што Северна Македонија го направи во однос на сопствената безбедност е поканата за членство во НАТО во јули 2018 година. Тоа беше историски исчекор и пресврт, кој нас како држава конечно ќе не позиционира на светската безбедносна мапа еднаш засекогаш, истакна Пендаровски.
Шефот на државата истакна дека во таа насока од големо значење се реформите во безбедносниот сектор кои со години беа запрени и дури во последнава една и пол година се динамизирани.
– По поканата за членство во Алијансата ние сме во помирни води но безбедносните предизвици во регионот се уште се присутни. Тероризмот, верскиот екстремизам, сајбер нападите, дезинформационите кампањи, хибридните војни се присутни и нема наскоро да изчезнат. Најдобриот начин за справување со овие закани кои се наоѓаат високо и на агендата на НАТО е да ги следиме информациите и трендовите и заедно со другите членки на Алијансата да се соочиме со нив, рече тој.
Пендаровски посочи дека во блиско минато имавме примери кога бевме цел на софистицирани хибридни кампањи, кои сакаа да го загрозат демократскиот процес и да ја попречат волјата на граѓаните, додавајќи дека современите хибридни закани ќе продолжат да дејствуваат преку државните граници и затоа е значајно здружено да им се спротивставиме.
Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски рече дека одбраната и безбедноста се актуелни прашања кога целиот регион на Југоисточна Европа се соочува со значајни предизвици, како што е тероризмот, заканите за илегална имиграција…
Професорот Марјан Ѓуровски, осврнувајќи се на предлогот Стратегијата за одбрана истакна дека таа претставува проценка на сегашните и идни закани и можности и оти преку неа се претставува политичката иднина на земјата и нејзиниот интегративен процес.
– Реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем треба да придонесе да се зголеми професионализмот во службите преку деполитизација и транспарентност применети во сите фази од работењето на службите, од селекцијата на кадарот до системот за кариера и креирањето и развојот на сите процеси, рече Ѓуровски.
Според него, кога се говори за безбедносните ризици, би требало да се нагласи дека внатрешниот македонски судир има влијание врз нивото на демократијата во земјата, бидејќи, како што рече, демократијата е жртва на тој судир на концепти што е многу пожесток во однос на другите транзициони држави и се одразува на политичката безбедност во земјата.
Тековната стратегија за одбрана е донесена во 2010 година, а како резултат на безбедносната динамика, современите безбедносни закани и предизвици, но и променетиот статус на земјава во меѓународни рамки, е изработена нацрт Стратегија за одбрана на Северна Македонија.Фокус во дискусиите беше ставен на приоритети во безбедноста и одбраната по заокружувањето на полноправното членство на земјата во НАТО и новите безбедносни предизвици и обврски кои ќе произлезат од целосната евроатланска интеграцијата.
Новиот стратешки документ ги идентификува одликите на современото безбедносно опкружување, дава насоки за понатамошен развој на одбранбените капацитети и способности на системот за одбрана на Република Северна Македонија, како и насоки за синхронизирање и унапредување на одбранбеното планирање, согласно стандардите на НАТО и ЕУ.

ЛИНК

Линк од Видео од Дебата

Blog Attachment