Дел од успешната приказна на Факултетот за безбедност-Скопје

image_url

Дел од успешната приказна на Факултетот за безбедност-Скопје

Почитувани,

Факултетот за безбедност од Скопје има долга традиција во организирање на докторските студии. Но, не само тоа, Факултетот за безбедност на просторите на бившата федеративна држава (СФРЈ)  беше единствена високообразовна установа од областа на безбедноста и воедно на нашиот факултет за прв пат се пријавуваа, изработуваа и организираа јавни одбрани на докторски дисертации од оваа област. Во тој контекст да напоменам дека првата одбрана на докторат на нашиот факултет се случи во 1982 година, а прв докторант беше Видан Марковиќ, вработен во тогашниот Сојузен секретаријат за внатрешни работи во Белград. За одбележување е дека темата на неговата докторска дисертација беше навистина антиципирачка и актуелна и во денешно време, поточно поврзана со информативниот систем во функција на безбедноста. Ова беше голем успех и признание не само за нашиот факултет на кој по само шест години од неговото основање се организира одбрана на докторат,  туку и за Р. Македонија како дел од тогашната федерација,  и воедно преставуваше афирмација на безбедноста како релативно нова (во тоа време) научна област.

Од тогаш па до денес Факултетот за безбедност е високообразовна институција на која во континуитет се стекнува највисокиот VIII степен на образование (докторат), при што изминатиот речиси четиридецениски период  (од одбраната на првиот докторат) можеме, условно кажано, да го поделиме на два периода.  Во првиот период тие беа организирани преку пријавување, изработка и одбрана на докторатот, а во вториот период  почнува да се применува новиот концепт на тригодишни докторски студии, врз основа на претходно изработен Елаборат за овие студии, а кои беа акредитирани и реакредитирани од страна на Одборот за акредитација и евалуација.

Ова мое обраќање илустрирано е со повеќе прилози од нашите докторанти. Препорачувам внимателно да се прочитаат. Имено, ги избравме овој начин на претставување на нашите докторски студии, сакајќи колку што е можно повеќе, да ја задржиме објективноста во нивното прикажување, а тоа цениме дека може да се постигне токму преку искажувањата на дел од нашите докторанти.

Обидувајќи се да го сумирам најбитното во нивните искажувања би го издвоил следното:  задоволството од пренесените знаења и соработката со професорите, организираноста на студиите, одговорноста кон нивна реализација, сериозноста во пристапот, можност за студиски престој надвор од државата, учество на научни конференции (меѓу кои значајно место зазема Научната конференција која веќе 11 години континуирано ја организира нашиот Факултет), стручни расправи, тркалезни маси, гостувања на професори од други универзитети од земјата и странство, учество во истражувања (индивидуални или институционални) се само дел од апострофираните предности на нашите докторски студии.

Кон сето ова би додале дека спојот помеѓу практиката и теоријата е уште една битна и препознатлива карактеристика на докторските студии, а таа се должи како на профилот на професорите, така и на студентите на овие студии, кои во најголем дел доаѓаат токму од праксата.

Основна водилка на докторските студии е пред се проучување на актуелни теми од соодветните научни дисциплини, но и оспособување на докторантите да навлезат во тајните на научната работа и да ги совладаат научните методи и соодветно да ги применат во изработката на својот докторски труд, научни и стручни трудови, нивната сегашна или идна работа и сл.

НА САМИОТ КРАЈ ОД ОВА МОЕ ОБРАЌАЊЕ, ВЕ ПОВИКУВАМ СИТЕ ВАС- ПОТЕНЦИЈАЛНИ КАНДИДАТИ, ПРЕД СЕ, ДА СЕ ПОСВЕТИТЕ НА НАУЧНATA И ИСТРАЖУВАЧКАТА РАБОТА, БИДЕЈЌИ НА ТОЈ НАЧИН ЌЕ МОЖЕТЕ ДА ГИ ПРОДЛАБОЧИТЕ И НАДГРАДИТЕ ВАШИТЕ ЗНАЕЊА И ИСКУСТВА, И ВОЕДНО ДА ЈА ДОНЕСЕТЕ ВИСТИНСКАТА ОДЛУКА И ДА СЕ ЗАПИШЕТЕ НА НАШИТЕ ДОКТОРСКИ СТУДИИ И БИДЕТЕ ДЕЛ ОД НАШАТА И ВАШАТА УСПЕШНА ПРИКАЗНА.

 

РАКОВОДИТЕЛ НА ТРЕТ ЦИКЛУС- ДОКТОРСКИ СТУДИИ

проф. д-р ОЛИВЕР БАЧАНОВИЌ

Биографии дел 1

Биографии дел 2

Биографии дел 3

Blog Attachment