На ден 15.05.2023 година беше одржано гостување и предавање на теми од областа на приватната безбедност од г-дин Златко Цветковски, магистрант на Факултетот за безбедност.  Беа обработени теми од областа на приватното обезбедување кои го вршат приватните безбедносни компании во странство, пришто на присутните студенти им беа споделени личните искуства на предавачот од работењето во повеќе странски компании од областа на приватното обезбедување, поконкретно во Сомалија и Ирак. Посебен акцент беше ставен на ескортното приватно обезбедување на личности и приватно обезбедување на имот (особено поморското обезбедување како посебен вид обезбедување на транспорт на вредности).  Презентираните содржини беа компатибилни со одредени поглавја од наставната програма по предметите Систем на приватна безбедност и Основи на приватна безбедност, кои студентите ги слушаат на студиските програми Криминалистика и Безбедност соодветно.  Содржините опфаќаа работа на приватните безбедносни компании во светот во услови на глобализација, примена на овластувањата и справување со вонредни и кризни ситуации.  Воедно, гостувањето и предавањето беа во функција и на афирмација на вториот циклус студии на Факултетот за безбедност и зголемување на интересот на студентите од Факултетот за безбедност за студирање на постдипломските студии, како и поттикување на истражувањата од областа на безбедноста и особено приватна безбедност.  Презентираните содржини наидоа на интерес кај присутните студенти, кои активно се вклучија со свои прашања, размислувања и коментари.