Преку 100 велосипедисти и над 30 мотоциклисти возеа на дефилето под мотото – „ЈАС ВНИМАВАМ И БЕЗБЕДНО ВОЗАМ“ кое се одржа во Скопје. Целта на дефилето e да се подигне свеста за поголема безбедност на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот, како и користењето на заштитна опрема.
Дефилето беше организирано од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), а партнери беа компанијата ОКТА, Министерството за внатрешни работи, Факултетот за безбедност од Скопје и Црвениот крст. Велосипедистите и мотоциклистите тргнаа од различни локации, а дефилето го завршија на градскиот плоштад. Велосипедистите возеа од платото под мостот „Близнак“ во населбата Аеродром, а мотоциклистите тргнаа од фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк. На манифестацијата пред сите присутни се обрати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:
„Поголемата безбедност на сите учесници во сообраќајот, вклучително и на велосипедистите и мотоциклистите, е од клучно значење за сите нас. Секој од нас е дел од сообраќајот на различен начин и затоа во континуитет треба да работиме на подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници. МВР постојано е активно на овој план и ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи чија цел е превентивно укажување на важноста на почитувањето на сообраќајните знаци и правилата за безбедноста во сообраќајот“.
Безбедноста во сообраќајот и безбедноста на патиштата е главен фокус и на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
„Во рамките на своето делување РСБСП организира и спроведува низа едукативни активности, како обуки, продукција на материјали, настани и кампањи со што конкретно работиме на поголема едукација на сите учесници во сообраќајот. Покрај тоа, во континуитет работиме и на истражувања и анализи, преку кои се лоцираат слабостите во безбедноста на сообраќајот на патиштата, но и можните начини како тие да се надминат. Сепак, за поголема безбедност клучна е личната одговорност на секој учесник во сообраќајот. Затоа настаните како овој денес се многу важни, па сакам да упатам апел до јавноста – секој од нас влијае за безбедноста на сообраќајот, затоа да бидеме внимателни и за себе и за другите и да се однесуваме одговорно“, Гордана Кожуваровска претседател на РСБСП.
Во рамки на долгорочната кампања за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот „ЈАС ВНИМАВАМ“, компанијата ОКТА за учесниците во дефилето обезбеди велосипедски ѕвончиња, безбедносни велосипедски светла и заштитна кациги.
„Безбедноста на патиштата е еден од приоритетите во корпоративната стратегија за општествена одговорност на ОКТА. Затоа сме особено среќни за можноста да придонесеме на овој значаен настан и да ја потврдиме нашата долгогодишна заложба во унапредување на сообраќајната безбедност и култура во земјата. Преку платформата „ЈАС ВНИМАВАМ“, ОКТА веќе шест години по ред спроведува различни активности за едукација и поддршка на сите учесници во сообраќајот, со цел да поттикнеме поголема колективна свест и индивидуална одговорност. Безбедноста во сообраќајот е континуиран и заеднички напор, затоа како компанија ќе продолжиме да вложуваме ресурси во создавањето на одржлива култура за побезбедни сообраќајници.“, истакна Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА.
Кампањата „ЈАС ВНИМАВАМ” во 2017 година беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика. Како дел од кампањата, ОКТА досега има реализирано бројни иницијативи и донации со цел да придонесе кон зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност при универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, ја истакна важноста на соработката и партнерството на различните чинители во сообраќајот. Тој додаде Факултетот за безбедност е водечка високообразовна институција чија цел е продуцирање на стручни кадри кои преку современ пристап и користење на ефективни алатки и тактики придонесуваат кон унапредување на безбедноста и заштитата на патиштата.
„Ефективно справување со сите модерни предизвици и поставување систем кој создава услови за поголема безбедност е наш приоритет во образовниот процес. Но за да го постигнеме тоа, неопходно е создавање на поголема свест кај сите учесници во сообраќајот, па оттука настани од ваков тип се од големо значење во тој процес. Само преку поголема соработка и создавање цврсти врски ќе обезбедиме одржлива основа за брз и безбеден сообраќај по теркот на современиот човек“, додаде проф. д-р Дујовски.
Поддршка на дефилето кое се одржа под мотото „ЈАС ВНИМАВАМ И БЕЗБЕДНО ВОЗАМ“ дадоа и организациите „Мото клуб Безбедност“, „Прв до врв“ и „Здружението за друмски и планински велосипедизам“.