Во рамките на континуираната соработката во образовно-едукативната и апликативната дејност на кадрите од областа на безбедносно-полициската дејност, на ден 12.04.2023 година, се реализира посета од групa на редовни студенти на Факултетот за безбедност – Скопје, на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења (ОКТИВ) при Министерството за внатрешни работи – Скопје. Посетата се организираше во функција на практична реализација на одредени содржини на предметните програми по: Криминалистичка техника и Методика на истражување на општ криминалитет под водство на предметните наставници проф.д-р Борис Мургоски и проф.д-р Светлана Николовска.
Во текот на посетата, студентите имаа можност непосредно да се запознаат со организационата поставеност и функционалната дејност на ОКТИВ од страна на д-р Габриела Костоска – началник на Одделот, како и специфичноста во реализацијата на разновидните криминалистичко-техничи испитувања и вештачења на траги од местото на криминален настан. При тоа, студентите имаа можност непосредно да ги посетат Секторите за криминалистичка идентификација и криминалистичко-лабораториски испитувања, како и Одделениеето за криминалистичко-технички испитувања на фото, видео, аудио и дигитални податоци. Во текот на посетата, студентите беа водени од страна на раководителите и стручни тимови по соодветните лаборатории, каде низ презентации, разговори и дискусии студентите имаа можност непосредно да се запознавааат со специфичноста на техниките и методите на криминалистичко-форензичките испитувања на одредени видови на траги и нивните вештачења.
На крајот од посетата, студентите изразија голема благодарност за можноста од проширување и продлабочување на знаењата од областа на криминалистичката техника и методиката, а при тоа, некои од нив ја изразија и својата заинтересираност и спремност за работа во својата идна професионална дејност.