На 02.12. 2022 година во рамките на ДЕНОВИ НА ПСИХОЛОГИЈА 2022, национална платформа на Комората на психолози на РС Македонија за унапредување на Менталното Здравје, со овогодинешниот наслов „Да не го игнорираме слонот во собата – да зборуваме за табу теми“, на Факултет за безбедност-Скопје се одржа едукативно-искуствена работилница со студенти, под наслов „Љубов и насилство во аделесцентните партнерски врски“. Работилницата ја водеа психолозите проф. д-р Драгана Батиќ, доц. д-р Димитринка Јорданова-Пешевска и вон. проф.д-р Кате Трајкова, како резултат на воспоствената соработка помеѓу студентските советувалишта на универзитетите на кои тие предаваат:Психолошко советувалиште УКЛО, Факултет за безбедност-Скопје и Психолошко советувалиште за студенти на Американ колеџ, Американ колеџ-Скопје.
Оваа тема отвори многу прашања кај студентите за квалитетот на љубовните врски кај младите, за природата на љубовта, за разликата помеѓу љубов и заљубеност. На работилницата студентите отворено споделуваа за своите ставови, вредности и искуства во љубовните врски, но и за контолирање и ограничување на слободата од страна на партнерот, за факторите кои придонесуваат за насилството во врските, за раскинувањата и како тие да се надминат. Студентите сметаат дека на оваа тема немаат каде да зборуваат освен меѓусебно, и дека системот на образование многу порано треба да понуди простор и можност за едукација за овие животно значајни прашања.