На 29 ноември 2022 година, Факултетот за безбедност, Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата организираа трибина на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“. На трибината се обратија Министерот за внатрешни работи г-н Оливер Спасовски, Претседателката на РСБСП г-а Гордана Кожуваровска и деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски.
Деканот Дујовски истакна:
„Мобилните телефони во комбинација со управување со моторно возило може да бидат смртоносни алатки. За тебе или за другиот учесник во сообраќајот. Застани, размисли, не брзај, внимавај! Опасностите се на секој агол, статистиките се поразителни! Кога возиш, остави ги за подоцна сите разговори на мобилниот телефон. Заштити се себе си и другите учесници во сообраќајот!“, акцентираше деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски сложувајќи се со другите ученици на научниот собир дека ваквите стручни настани и вклучувањето на повеќе различни институции и на стручните но и на образовните, односно академски средини, можат дополнително да придонесат за разбирањето и решавањето на ваквите негативни феномени.
Министерот Спасовски во своето излагање потенцираше дека секоја техничко-технолошка новина во себе носи важни дилеми кои бараат соодветни правила на прилагодување, особено ако практичните ускуства покажуваат конкретни проблеми при користењето. „Фактот дека според Светската здравствена организација одвлеченото внимание на возачот поради користење на мобилен телефон се јавува како причина во безмалку една четвртина од сите сообраќајни незгоди, јасно ни укажува дека одредени модерни технолошки алатки едноставно не можат да се користат секаде и во секоја прилика. Евидентно е дека се соочуваме со еден нов и потенцијално многу опасен феномен кој согласно статистиките и аналитички согледувања има капацитет на крајно сериозна закана, чија цена се човечки несреќи и трагедии.“, ја дефинираше опасноста од користењето на мобилните телефони министерот Спасовски.
Г-а Кожуваровска потенцираше: „Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Не постои разговор на мобилниот телефон чија важност може да се спореди со пристигнувањето на посакуваната дестинација безбедно и со добро здравје.“, сублимираше Кожуваровска.