Во рамки на проектот “Борба против илегални активности во шумарството”, спроведуван од РЕФОРД – Регионален центар за шумарство и рурален развој – Скопје, финансиран од страна на Шумарската служба на САД, а во организација на предметниот наставник по Еколошка криминалистика проф д-р Марина Малиш Саздовска, на ден 26.10.2022 година на Факултетот за безбедност, беше организирано предавање од експертите за шумарство и илегални активности во шума од Шумарската служба на САД, г-дин Фил Хоф и г-дин Александар Ломвардиас. Претставник од РЕФОРД беше Сашо Петровски, експерт за шумарство.

На предавањето беа опфатени теми за нелегалната сеча на шуми, беа претставени неколку случаи на оперативно постапување на специјалните агенти, припадници на Шумарската служба на САД, а предавачите направија и компаративна анализа за начините и методите за сузбивање на ова кривично дело во САД и Република Северна Македонија. По завршување на презентацијата, имаше плодна дискусија во рамки на која студентите поставија прашања за актуелните состојби со пустошењето шуми.

По завршување на предавањето, предавачите остварија и работна средба со продеканот за настава проф д-р Јонче Ивановски. При тоа беше разгледана можноста за соработка помеѓу Факултетот за безбедност и експертите за шумарство, за обука на припадниците на шумската полиција во Република Северна Македонија, а беа разменети и мислења за оваа исклучително важна тема во областа на безбедноста и криминалистиката.