Во организација на Македонско еколошко друштво на 7 и 8 јули во Велес се одржа ,,Работилница за изработка на оперативни протоколи за постапување при случаи со труење на диви животни наменети за релеватните државни институции,,. Учесници на работилницата беа претставници од Македонско еколошко друштво, Министерство за внатрешни работи, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за животна средина и природа, Факултет за безбедност при УКЛО, Факултет за ветеринарна медицина при УКИМ, невладини организации, експерти од областа и др.

Презентација на тема ,,Методика на сузбивање на еколошки криминал,, имаше проф д-р Марина Малиш Саздовска, а активно учество во дискусијата за постапување на полицијата и м-р Емилија Велкоска, докторант на Факултет за безбедност Скопје.

Предмет на интерес на работилницата беше поставувањето  на отровни мамки со кои се нанесува значителна штета на биодиверзитетот во Република Северна Македонија и регионално истребување на неколку видови на мршојадци.

Дискусиите за време на работилницата беа плодни, и резултираа со квалитетни заклучоци, изработка на драфт Стандардна оперативна процедура за постапување во случаи на труење на диви животни, насоки за идни состаноци и обуки на надлежни органи, предлози за изработка на Упатства, платформа за интерресорско вмрежување, изработка на инфографик и др.

Еден од главните заклучоци беше и констатацијата за потребата во рамките на Министерството за внатрешни работи да функционира и посебна организациона единица чиј предмет на интерес ќе биде еколошкиот криминал во државата.