Во рамките на активностите од проектот „Дијалог во образование за возрасни (ДИА)“ програма Еразмус+ (КА204), во периодот 06.06.2022-07.06.2022 година, во Скопје, во хотелот Бест Вестерн Турист, се одржа последниот транснационален состанок.  Домаќин и организатор на состанокот беше партнерот во проектот Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Факултет за безбедност-Скопје.  Во организацијата на состанокот беа вклучени тројца членови на проектниот тим од Факултетот за безбедност-Скопје: ред. проф. д-р Саше Герасимоски, вон. проф. д-р Раде Рајковчевски и вон. проф. д-р Весна Трајковска.  На состанокот учестуваа претставници од сите осум партнерски организации во проектот, од вкупно седум држави (Германија, Полска, Данска, Украина, Кипар, Хрватска и Македонија).

Поздравни обраќања на отворањето на транснационалниот состанок имаа Мартин Бартел-координаторот на ДИА проектот од организацијата ЦРН од Берлин (Comparative Research Network), ред. проф. д-р Никола Дујовски-Декан на Факултетот за безбедност-Скопје и ред. проф. д-р Саше Герасимоски-раководител на ДИА проектот од партнерот Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Факултет за безбедност-Скопје.

За време на двата дена од транснационалниот состанок се разгледуваше финалната верзија на двата главни производа на ДИА Еразмус + проекот, Електронската книга на мировно образование за возрасни и Дигиталната карта на европскиот градител на мирот.  Во Електронската книга на мировно образование за возрасни е поместен избор на паметни методи (практики) во мировното образование од сите осум партнери во проектот од вкупно седум држави, пришто се застапени методи од сите четири области на проектот (градење на мирот, градење на заедницата, општествена вклученост и справување со конфликти).  Преку Дигиталната карта на европскиот градител на мирот, истите практики стануваат видливи на електронска карта.  Штом двата производа ќе бидат финализирани, ќе бидат достапни за користење на сите заинтересирани во електронска форма.  Тука пред сè станува збор за институции, организации и групи на кои се однесува образованието за возрасни (високообразовни институции, граѓански организации, локални власти, безбедносни институции, маргинализирани општествени групи и сл.).

Во рамките на транснационалниот состанок беа организирани и две посети кои потесно беа поврзани со активностите од ДИА проектот.  Првиот ден, на 06.06.2022 година беше организирана посета на Спомен домот на Мајка Тереза, македонски добитник на Нобеловата награда за мир, пришто присутните, преку излагањето на стручниот водич во Спомен домот, имаа можност да се запознаат со животот и импресивното дело на Мајка Тереза.  Вториот ден, на 07.06.2022 година, беше организирана посета на Црвениот Крст на град Скопје, пришто домаќините извршија презентација на активностите на Црвениот Крст кои се од интерес и се потесно поврзани со активностите и целите на ДИА проектот, т.е. беше промовирана нивната Програма за хумани вредности (ПХВ).

Од страна на сите учесници на транснационалниот состанок беше изразено задоволство од начинот на кој беше организиран дводневниот состанок, од успешното заокружување на проектните активности во рамките на ДИА Еразмус + проектот и беше изразена подготвеност за продолжување на соработката на идни меѓународни проекти.