Во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ на 31/05 и 01/06/2022 се спроведе Бета пилотирање на техничките можности и употреба на алатките кои се развиваат во проектот Вектор. Вектор е истражувачки проект, кој развива интегрирано решение за идентификување, анализа, класификација и одговор на закани предизвикани од експлозивни средства (неексплодирани убојни средства и импровизирани експлозивни направи). Со спојување на 3Д фотограметрија, вештачка интелигенција, како и технологија на зголемена и виртуелна реалност, се развива пакет алатки што може да се распореди во широк спектар на оперативни сценарија за отстранување експлозивни направи.
Крајните корисници имаа можност за првпат со физичко присуство да ги применат мобилната апликација која е развиена за проектот во сценарио со користење и без користење на дрон заедно со партнерите од CENTRIC – Центар за извонредност во истражувањата за тероризам, отпорност, разузнавање и организиран криминал при Шефилд Халам Универзитетот од Обединетото Кралство, Факултетот за безбедност – Скопје, Школата за наука и технологија при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина и CERTH – Центарот за истражување и технологија Хелас од Грција. Понатаму се продолжи со користење и евалуација на командната табла и користење на наочари за виртуелна реалност.
Дводневниот настан беше отворен со поздравни говори од министерот за внатрешни работи, г-н Оливер Спасовски, Директорот за Дирекцијата за заштита и спасување, д-р Беким Максути, Директорот на проектот, проф. Бабак Акбар, Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, проф. Никола Дујовски и ко-директорката на проектот, проф. Марина Малиш-Саздовска.
Освен успешното бета пилотирање може да се заклучи дека софтверското решение успешно се развива во сите компоненти (мобилната апликација, командната табла и 3D виртуелната лабораторија), потенцијалите на користење на техниката и науката во апликативната дејност многукратно се зголемуваат и во иднина тоа нема да се промени.
Факултетот за безбедност-Скопје е горд на своето прво искуство во мултинационален проект поддржан од програмата за мир и развој на НАТО, а македонските институции ќе имаат и софтверско решение со цел да се намалат ризиците по животот и здравјето на граѓаните и вработените кои се справуваат со експлозивни средства.