Во рамките на активностите на проектот „Дијалог во образование за возрасни (ДИА)“ од програмата Еразмус+ (КА204), двајца членови на проектниот тим, ред. проф. д-р Саше Герасимоски и вон. проф. д-р Раде Рајковчевски од Факултет за безбедност-Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, во периодот 28-30.04.2022 година, присуствуваа на осмиот транснационален состанок во Берлин, Германија.
Состанокот се одржа на 29.04.2022 година, додека ден претходно, на 28.04.2022 година, со посредство на средствата за електронска комуникација, се одржа и подготвителен состанок, на кој се дискутираше за начинот на структурирање и дополнителните ангажмани поврзани со уредување на е-книгата од собраните паметни методи (практики) од областа на образованието за возрасни од сите партнерски организации вклучени во
рамките на проектот. Е-книгата претставува финален резултат од работењето на проектот, а во неа се интегрирани по четири паметни методи (практики) кои покриваат по една од четирите области на проектот (градење на мирот, градење на заедницата, општествена вклученост и справување со конфликти), доставени од секоја од осумте партнери во проектот, од вкупно седум земји.
Во рамките на состанокот одржан на ден 29.04.2022 година, во Берлин, Германија, освен споменатите активности врзани со Е-книгата, беше искористено и присуството на млади луѓе-активисти од повеќе држави, како дел од друг проект во рамките на програмата Еразмус + за мобилност. Проф. Герасимоски и проф. Рајковчевски, заедно со колегите проф. д-р Мартин Бартел од ЦРН од Берлин (Германија), кој е воедно професор на Универзитетот од Источна Финска, и проф. д-р Горан Бандов од Универзитетот од Загреб (Хрватска), беа вклучени во спроведување вежбовна активност и во форумот со учесниците на младинскиот настан. На форумот се разви дискусија за актуелни теми поврзани со безбедноста, со меѓународните односи и со наведените области на проектот ДИА, а особено за импликациите од актуелните случувања во Украина и влијанието на Западен Балкан, посебно врз младите, видени и низ призмата на актуелниот ДИА проект.