Во рамки на предметните програми Еколошки криминалитет и Меѓународна заштита на животна средина, а во организација на предметниот професор д-р Марина Малиш Саздовска, на 21.04.2022 година беше реализирана посета на Државниот инспекторат за животна средина. Во рамките на посетата студентите имаа можност да остварат средба со директорот м-р Сретен Стојковски, Дарко Блинков раководител на Одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка и Пејо Кировски виш инспектор за животна средина. При тоа студентите се запознаа со организациската поставеност на Инспекторатот, законската регулатива, инспекциските надзори, контролата и откривањето на изворите на загадување на животната средина, казнената политика и др. Особен интерес студентите покажаа за заштитата на животната средина за градовите во кои живеат: Крушево, Берово, Демир Капија и Велес. Со оваа посета уште еднаш се потврди досегашната успешна соработа помеѓу Државниот инспекторат за животна средина и Факултетот за безбедност Скопје, со идеја за нејзино унапредување со потпишување на Меморандум за соработка.