Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечие во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Битола беше организирана акција во склоп на новата кампања „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“.

 

Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски новата кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија.

 

„Успехот на заштитата на животот и имотот на граѓаните во сообраќајот е во директна корелација со активностите на сите органи кои може да придонесат за поттикнување на сообраќајната култура и за овозможување услови за безбеден и уреден сообраќај. Тоа е дополнителната вредност на оваа кампања која го потенцира интегрираниот пристап во кој повеќе институции работат за исполнување на единствената цел – безбеденост во сообраќајот за сите! Силно ги поддржуваме активностите на МВР за превентивно дејствување преку бројните кампањи и програми за едукација на сите учесници во сообраќајот, посебно за децата и младите на кои треба да им се влијае за поинаков пристап кон сообраќајните правила и прописи. Исто така, ги поддржуваме и репресивните мерки за кои сме сведоци дека доколку се спроведуваат во континуитет, даваат значителни резултати на помалку загинати и повредени и помала материјална штета. На Факултетот за безбедност активно се изучуваат темите поврзани со безбедноста во сообраќајот и нашата примарна цел и обврска е да се вклучиме во реалните програми за градење на квалитетна политика за безбедноста на сите. И јас и ти – сите сме пешаци е само една кампања на која сме особено горди!“, рече деканот Дујовски.

 
Изјава на деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски
 
ПОВЕЌЕ