И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!

Кампања за заштита на пешаците во сообраќајот

Факултетот за безбедност во соработка со Министерството за внатрешни работи и Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започнаа кампања  за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот, под мотото “И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!”, за подобрување на најранливата и најмасовната категорија учесници во сообраќајот. Таа ќе се реализира неколку месеци при што ќе бидат опфатени голем број градови низ државата. Целта е да се поттикне свесноста за ризиците во сообраќајот и да се подигне јавната свест и одговорноста кај секој учесник.

Новата кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како најранлива категорија. Успехот на заштитата на животот и имотот на граѓаните во сообраќајот е во директна корелација со активностите на сите органи кои може да придонесат за поттикнување на сообраќајната култура и за овозможување услови за безбеден и уреден сообраќај. Тоа е дополнителната вредност на оваа кампања која го потенцира интегрираниот пристап во кој повеќе институции работат за исполнување на единствената цел – безбедност во сообраќајот за сите!

Настанот се одржи на 06.04.2022 година на Факултетот за безбедност каде свечено обраќање пред присутните земаа Министерот за внатрешни работи г-н Оливер Спасовски, Ректорот на Универзитетот “Св. Климент Охридски” Битола проф. д-р Сашо Коруновски, Претседателката на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата м-р Гордана Кожуваровска и Деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски. Во однос на работниот дел беа подготвени презентации од началници и раководители на сектори во МВР и министерството за транспорт и врски како и професори од Техничкиот Факултет – Битола.