Факултетот за безбедност – Скопје на 10.12.2021, во рамките на две-годишниот проект ВЕКТОР, поддржан од Програмата на НАТО Наука за мир и безбедност, беше организатор на научно-стручната конфереција „Современи предизвици во откривањето терористички закани од импровизирани експлозивни направи“.

Заедно со Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски, и ко-директорот на проектот ВЕКТОР, проф. д-р Марина Малиш Саздовска, на отворањето на конференцијата се обратија д-р Беким Максути, Директор на Дирекцијата за заштита и спасување, г-дин Ариф Асани, заменик директор на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи.

На конференцијата со свои излагања учествуваа професори од Факултетот за безбедност – Скопје, Воената академија – Скопје и експерти од Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување.

Целта на конференцијата беше да се споделат и разменат научни и стручни мислења и ставови за откривањето и справувањето со импровизирани експлозивни направи кои се користат како средства за остварување терористички закани.

Идентификацијата, класификацијата и проценката на експлозивни направи, како што се импровизираните експлозивни направи и неексплодираните убојни средства, се од витално значење за операциите за отстранување/уништување експлозивни средства од страна на релевантните безбедносни служби и се од критична важност за стратешките интереси и тактичките операции на НАТО и неговите партнери.

Во текот на конференцијата се отворија и дискусии за развивањето решенија (напредни технологии, методологии и практики) за борба против импровизирани експлозивни направи, како одговор на тероризмот.