На ден 02.12.2021 година, во рамките на предметот „Третман на лица со девијантно однесување“, во организација на предметниот професор д-р Драгана Батиќ, од Факултетот за безбедност-Скопје, студентите од четврта година, студиска програма Криминологија и криминална политика, беа во посета на КПУ Битола.
Студентите имаа можност да се запознаат со организацијата на самата установа, како и третманот на осудените лица од страна на стручните лица, психолози и други професионалци кои постапуваат со нив. Во рамките на посетата, беа во обиколка на просториите каде се сместени осудените лица, одделот за слободни активности, библиотека, кујна, одделот за притвор, за видео-надзор, односно на целокупната зграда на установата. Се запознаа со функцијата на затворската полиција и на психолозите и воспитувачите кои постапуваат со осудениците.
Исто така, студентите имаа состанок со одговорните стручни лица, предводени од раководител на сектор за ресоцијализација Лена Христовска, психолог, каде имаа можност да постават прашања и да добијат одговор на истите. Се дискутираше за условите, правата на осудените лица, работа и третман, ккао и за успешна ресоцијализација на осудени лица.