На ден 11.11.2021 год. во рамките на онлајн предавањето по предметот Еколошка криминалистика, во организација на предметниот наставник ред. проф. д-р Марина Малиш Саздовска, студентите презентираа две исклучително квалитетни презентации во врска со заштитата на животната средина.

Првата презентација од Христина Митаноска, Благица Пауновиќ и Јована Стефановска беше  истражувачки проект на тема ,,Загадување на животна средина и природа со отпад”, кој се однесува на факторите кои придонесуваат за загадувањето и улогата на човекот. Детално беше обработена моменталната положба во однос на ова кривично дело, како и статистичка обработка на се што е поврзано со истото. Акцентот на самиот проект е ставен на работата на терен и мислењето на граѓаните, за чија цел беше изработена и анкета на 302 испитаници. Истата таа анкета претставува потпора за изнесените ставови на авторите, како и фотографиите од лице место. За крај, земајќи ја во предвид актуелната состојба, се посвети внимание на изнаоѓање на соодветни решенија за ефикасно и ефективно намалување и сузбивање на овој вид на криминал.

Втората презентација беше реализирана од групата студенти: Елена Стаменковска, Александра Петровиќ, Петар Хаџи Мојсоски, Росана Тошева и Лела Радуловиќ од насока Криминалистика, при што беше презентирано сценарио на тема: Увид на место на настан кај еколошки кривични дела со фокус на Пустошење на шума – чл.226 од Кривичниот законик со снимен видео запис кој беше презентиран на предавањето. Со овој видео запис, студентите имаа можност практично да ги применат своите знаења и поефикасно да ја совладаат темата предвидена за овој предмет. При севкупната активност, студентите ги запазиле и ги испочитувале мерките за превенција од Ковид 19, со цел безбедна реализација на активностите.

Ваквиот начин на подготовка на презентации по конкретни предметни содржини на Факултетот за безбедност Скоје, треба да се подржи, а студентите и понатаму да се поттикнуваат кон изработка на квалитетни истражувачки проекти, реализација на сценарија и други активности за третирање на актуелни теми од областа на безбедноста.