Во рамки на дисеминација на досегашните резултати од проектот ВЕКТОР, како и стекнување нови сознанија, Факултетот за безбедност – Скопје од 12 до 14 ноември 2021 одржа работилница на тема „Опасноста од неексплодирани убојни средства: примена на дигитални технологии во справувањето“ во Охрид.

Примената на современата технологија во намалување на степенот на ризици и закани од експлозивни направи беше предмет на работилницата која се спроведе во рамки на проектните активности на две годишниот проект VECTOR[1] – Алатка за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства се спроведува во периодот 01.07.2020-30.06.2022 година.

VECTOR е мултинационален проект во рамките на програмата на НАТО – Наука за мир и безбедност, спроведуван од CENTRIC – Центар за извонредност во истражувањата за тероризам, отпорност, разузнавање и организиран криминал при Шефилд Халам Универзитетот од Обединетото Кралство, во соработка со Факултетот за безбедност – Скопје при УКЛО, Школата за наука и технологија при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина и CERTH – Центарот за истражување и технологија Хелас од Грција. Крајни корисници на проектот се Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија кои зедоа активно учество во работилницата.

Работилницата се одржа со цел презентација, едукација, вмрежување и тренинг на учесниците, каде покрај МВР и ДЗС со свои активности се вклучија и дадоа активен придонес Министерството за одбрана, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Црвениот крст на Република Северна Македонија, компании за приватно обезбедување, како и специјално обучени лица за заштита и спасување во во планински услови и во средина под вода (нуркачи).

Со поздравни говори и поддршка за активностите се обратија министерот за внатрешни работи, г-н Оливер Спасовски, Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проф.д-р Сашо Коруноски, г-а Сунчица Алексовска од Бирото за јавна безбедност,  д-р Саит Саити, Генерален секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија, проф. д-р Никола Дујовски, Декан на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Бабак Акгар, Директор на ВЕКТОР проектот и Директор на CENTRIC при Универзитетот Шефилд Халам и Проф. д-р Марина Малиш Саздовска, ко-директор на ВЕКТОР проектот, Факултет за безбедност – Скопје.

Основни цели на оваа работилница се утврдување на постигнувањата во рамките на ВЕКТОР проектот заеднички со крајните корисници (ДЗС и МВР), заедно со сите споменати учесници, а кои на свој начин сите имаат учество во намалување на ризиците и опасностите од експлозивни средства. Во текот на работилницата се дискутираше и за предизвиците кои постојат при справувањето со неексплодирани убојни средства и импровизирани експлозивни направи, како и начините на кои модерната технологија може да се примени во операциите за нивно неутрализирање. По завршување на работилницата ќе се спроведе и акција – кампања за подигнување на свеста за опасноста од неексплодирани убојни средства меѓу граѓаните во Центарот на градот Охрид.

[1] https://projectvector.net/