Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски и професори од Факултетот кои работеа на Проектот „Функционирањето на безбедносниот систем во услови на вонредна и кризна состојба – студија на случај“.

Претставниците на Факултетот го информираат министерот Спасовски дека истражувачкиот тим од Факултетот за безбедност во периодот март – декември 2020 година работеше на следење на активностите на безбедносните институции околу справување со последиците од пандемијата на Корона вирусот. Целта на проектот е анализира на целокупниот безбедносен систем, подготвеноста за одговор со новонастаната состојба, соработката која ја остваруваат институциите и врз основа на научните сознанија и анализи, да се дадат предлози за подобрување на функционалноста со цел подобар одговор на ваква или слична состојба во наредиот период. Професорите на средбата ја потенцираат потребата државата да води сметка за менталното здравје на граѓаните особено во вонредна и кризна состојба, како и за превенција на стресот.

Професорите од Факултетот за безбедност ги презентираа најзначајните сегменти од истражувачкиот извештај, со особен осврт на функционирањето на Министерството за внатрешни работи и полицијата, при тоа искажаа огромна благодарност до министерот Спасовски кој во еден период на кризна состојба ја извршуваше и премиерската функција, за големата поддршка и придонес во изработката на овој Проект.