Денес, 14.05.2021 година, во посета на Факултетот за безбедност беше делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од министерот, г-дин Оливер Спасовски.
Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Дујовски го запозна министерот Спасовски со тековните градежни активности на Павиљон IV, за чие реализирање, согласно Договорот за јавна набавка за реновирање на Павиљон IV, предвидено е да се инвестираат 1.535.846,26 денари.

За време на разгледувањето, беше истакнато заемното задоволство од текот и интензитетот на спроведувањето на градежните активности за осовременување на училниците на Факултетот за безбедност.

Се искажа потребата од континуираното инвестирање во нови инфраструктурни зафати, се’ со цел  подобрување на условите за студирање и работење на Факултетот за безбедност.

Министерот Спасовски и деканот Дујовски изразија задоволство од досегашниот тек на градежните активности и динамиката на нивна реализација, со очекување дека истите  би  завршиле до крајот на месец мај. Во изминатите неколку години факултетот инвестираше вкупно 8.540.691,00 денари на капитални инвестиции во реконструкција и реновирање на објектите на факултетот, со што значително се подобрија условите за работа и студирање.

Во рамки на посетата министерот Спасовски и деканот Дујовски со своите најблиски соработници остварија и работна средба на која стана збор за јакнење  и  надоградување на досегашната соработка меѓу МВР и Факултетот за безбедност, размена на искуства и спроведување за различни видови на обуки, за  потребите на студентите на факултетот и за полициските службеници. И двете страни се согласија дека ваквиот концепт на учење ќе помогне во поддршката и зајакнувањето на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, во реформирање на системите и процесите и, секако, на ефективно исполнување на зацртаните цели и подобрување на резултатите.

Министерот Спасовски му додели на проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, плакета за особен придонес во промоцијата на професионализмот во Министерството за внатрешни работи.