Меѓуинституционална соработка

Согласно Правилникот за начинот и условите за организирање на практична настава за студентите („Сл. весник на РМ“, бр. 120/10) се организира и спроведува практична настава за студентите од Факултетот за безбедност - Скопје. Со интерна одлука, за спроведувањето на практичната настава е назначен ментор, а за спроведената практична настава студентите добиваат потврди врз основа на кој им се пресметуваат и заведуваат кредити во уверенијата за завршено високо образование. Практичната настава се спроведува во повеќе државни органи и институции организирано по групи за студентите од сите академски години.

Практичната настава се спроведува врз основа на претходно склучени меморандуми за соработка, а бројот на државни органи и институции има тренд да се зголемува. Во изминативе академски години, Факултетот за безбедност може да се пофали дека неговите студенти извршувале практична настава во следните државни органи и институции:

1. Полициски станици (според местото на живеење на студентот) при Министерство за внатрешни работи;
2. Управа за финансиска полиција лоцирана во Скопје;
3. Регионални центри на Царинската управа на Република Ракедонија;
4. Управата за финансиско разузнавање (поранешна Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам);
5. Агенција за разузнавање;
6. Црвен крст на Р.Македонија;
7. Национален координативен центар за гранично управување при Владата на Р.Македонија;
8. Регионален центар за миграции, азил и бегалци (MARRI RC), лоциран во Скопје;
9. Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата; и
10. ЈНУ „Хидробиолошки институт“ од Охрид.

Студентите на практичната настава и практичната работа непосредно се запознаваат со практичниот начин на примена на знаењата од повеќе области на безбедноста и се запознаваат со функцијата и надлежностите на државните органи и институции, но се вклучени и непосредно во набљудување при решавање на конкретни безбедносни проблеми. Практичната настава се спроведува со однапред изготвен план од страна на менторот, а во договор со партнерската институција каде студентот ја извршува практична настава. Студентите според досегашните оценки, добиени од непосредните раководители каде спроведувале практична настава, се оценети со високи оценки, а неколку имаат добено и посебни пофалници од наведените институции.